Условите кои им се нудат на повредените пациенти од несреќата во Кочани и натаму се на незадоволително ниво. Сведоштвата на преживеаните од „Пулс“ се дека се лекуваат во импровизирани услови во кочанската болница и дека персоналот е пред колапс
Во едно од сведоштвата се вели дека една докторка лекува и третира 128 пациенти со тешки изгореници по главата и телото, во една операциона сала, во импровизирани услови, без специјална када, со кофи и влажни крпи и без конкретна финансиска помош од државата, како и без психолошка помош.
Иако Владата тврди дека целосно е обезбедена медицинска, финансиска и логистичка поддршка, сведоштвата го потврдуваат спротивното.
Иван Ивановски од иницијативата „Супорт Кочани“ вели дека повредените се соочуваат со мизерни услови во самата болница.

„Тоалетите се ужасни, не се внимава на хигиената таму. Дечињата за преврска чекаат ред, едно дете дури фати бактерија поради тие услови. Болницата едноставно не сака да покаже слабост“, вели тој.
Според него, во нормален систем, државата треба да ги обезбеди компресирачките ракавици кои им се потребни на повредените, а во случајов, тие морат да го прават тоа.
„Ние собравме пари, ние ќе ги платиме тие. Кога и да побаравме помош од државата, тие не сакаат да комуницираат со нас. Се најавува дека ќе дојде премиерот, ако дојде ќе ги кажеме проблемите“, додава Ивановски.
Во однос на психолошката помош на пациентите во болницата, тој вели дека истата ја нема.
„Луѓето овде сами се организираат за тоа, истото го прават онлајн каде има психолошки сесии. Од болницата нема ништо, не постои тоа“, објаснува тој.
Од друга страна, директорката на Општата болница Кристина Серафимова има поинаков став за условите таму. Таа за ММС вели дека во врска со третманот на пациентите „скоро цел месец доѓаат платични хирурзи од Клиниката од Скопје и заедно со хирурзите од Кочани ги третираат пациентите“.
– Дури нашите хирурзи доаѓат и сабота и недела. Минатиот пат преврска праве половина час пред полноќ. Иако некои тврдат дека истите не се третираат, јас не можам да се согласам со тоа. Има пациенти кои се многу зафатени со изгореници од кожа, а има и такви кои се помалку. На тие што се повеќе изгорени третманот трае подолго, вели таа.

Според неа, пациентите не плаќаат ништо уште од самиот ден кога настана трагедијата.
„Се што е потребно за децата, родителите, фамилиите, помогнавме се и никој ништо нема платено. И на наши вработени деца беа на лекување во странство и немаат платени. Психолошка помош кај нас во болницата има, конкретно ние имаме двајца психијатри. Конкретно лицата се од Клиника психијатрија од Скопје и психолозите нивни. Доаѓаат и психолози преку здружението ХЕРА. Колку што знам за психолошка помош секогаш се полни термините, додава Серафимова.
Серафимовска завчера посочи дека денес има состанок во Фондот за здрвство и во врска со плаќањето и други детални информации. Денес ММС неколку пати се обиде да стапи во контакт со неа за дополнителни информации, но таа не одговори на нашите повици.
Кристијан Трајчов