Велика Британија е подготвена да започне формални разговори со девет земји во врска со плановите за депортација на одбиени баратели на азил, откако Албанија јавно го отфрли барањето, пишува Тајмс.
Британскиот премиер Кир Стармер за време на посетата на Албанија изјави дека Велика Британија планира да ги испраќа барателите на азил во „центри за враќање“ во странски земји откако ќе ги исцрпат сите законски можности за жалба во Обединетото Кралство.
Албанија е домаќин на два центри за притвор за мигранти во име на Италија, а министрите се надеваа дека земјата ќе биде подготвена да ја прошири оваа иницијатива на Обединетото Кралство.
Сепак, албнскиот премиер Еди Рама, го отфрли предлогот. На заедничка прес-конференција со британскиот колега Кир Стармер, Рама рече дека Албанија е „верна на својот брак со Италија“ и е помалку посветена на Велика Британија.
Министрите составија список од девет други земји кои би можеле да се согласат да бидат домаќини на центри за враќање. Тие вклучуваат други земји од Западен Балкан како што се Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како и неколку земји надвор од Европа.
Според плановите, Велика Британија ќе плати за секој одбиен барател на азил испратен во странство. Премиерот Стамер рече дека центрите за враќање ќе бидат дел од „арсеналот“ на Велика Британија за запирање на нелегалната имиграција во Обединетото Кралство.
Сепак, Рама беше јасен дека тие нема да бидат примени во Албанија.
-Уште од првиот ден кога го започнавме овој процес со Италија, бев многу јасен дека ова е посебен договор со Италија поради нашите многу блиски односи, но и поради географската положба што го прави разбирлив“, рече Рама.
„Неколку земји нè прашаа дали сме отворени за ова и ние рековме не, бидејќи сме лојални на бракот со Италија“, додаде Рама.
Даунинг стрит соопшти дека центрите за враќање не биле на дневен ред на дискусијата меѓу Стармер и Рама.
Владата верува дека центрите за враќање би можеле да бидат „ефикасен и ефтин“ начин за спречување на мигрантите да дојдат во Велика Британија, почитувајќи го меѓународното право.
Повеќе од 12.000 луѓе го преминале Ламанш со чамци од почетокот на годината, што е рекорден број. Стармер се соочува со зголемен притисок од пратениците на Лабуристичката партија по ова прашање, по локалните избори каде што „Реформ УК“ се појави како најпопуларна партија.
Извештајот од полицискиот инспекторат треба да го зголеми притисокот, откако откри големи празнини во размената на информации меѓу британските агенции за спроведување на законот.
Плановите на лабуристите ќе важат само за одбиените баратели на азил кои ги исцрпиле сите законски можности за останување во Велика Британија.
Министрите се загрижени дека одбиените баратели на азил кои доаѓаат од безбедни земји „намерно ги попречуваат“ напорите за нивна депортација од Велика Британија. Владин извор изјави дека многу од нив ги изгубиле своите документи или користат „тактики на одложување“ за да избегнат депортација.
На заедничката прес-конференција, Рама рече дека Албанците се „стигматизирани“ во Велика Британија. Тој кажа дека Албанците во Британија придонеле на „достоинствен“ начин, но биле претставени негативно „како да се проблем на Велика Британија“.
„Пцуењето на Албанците не беше добра идеја, бидејќи клетвата се врати како бумеранг и тие (конзервативците) сега се надвор од парламентот“, рече тој. „Значи, тоа е доволно. Не ни треба повеќе од тоа.“
Стармер одби да се извини во име на Велика Британија за негативните описи на Албанците.
На прашањето на еден албански новинар дали ќе се извини, тој одговори: „Видете, фактот дека јас сум првиот британски премиер што е тука во Албанија, на билатерална средба, треба да се сфати како изјава што ја покажува мојата почит кон Албанија и кон овој премиер“.
Извор: Тајмс, Топ ченел
Фотографија: FB Еди Рама