Јапонските воздухопловни сили почнаа вонредни инспекции за безбедност на сите свои 196 воени авиони за обука откако еден од авионите се урна неколку минути по полетувањето, соопштија денес официјални лица.
Воениот авион за обука со двајца војници се урна вчера неколку минути по полетувањето од воздухопловната база Комаки во префектурата Аичи во централна Јапонија.
Додека потрагата по исчезнатиот авион и двајца членови на екипажот продолжи денеска, војската соопшти дека започнала вонредна инспекција на сите преостанати 196 авиони за обука распоредени во базите на јапонските воздухопловни сили низ целата земја.
Нивните операции беа прекинати по несреќата и ќе останат приземјени додека не се утврди причината и не се завршат безбедносните проверки, изјави за новинарите началникот на Генералштабот на воздухопловните сили, Хироаки Учикура.