„Support Kocani“ преку социјалните мрежи објави вознемирувачки фотографии од изгореници на лице повредено во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“. Дарко Стоилов, од Support Kocani за ММС вели дека целта на објавата е да го свратат вниманието кон повредените и нивниот третман:
-Едно парче компресивна облека кошта од 100 до 1200 евра! Некои од повредените деца ќе имаат потреба дури од 5-6 парчиња! Компресираната облека помага во заздравувањето на рани од изгореници и минимизирање на лузните. До сега има пријавено над 50 лица за медицинска евалуација и земање мерки. Компресивната облека ќе биде изработена во Германија за секое дете поединечно и ќе биде целосно покриена од донациите на Support Kocani. Нашите сограѓани нема да бидат оставени ниту заборавени додека ние постоиме, вели Дарко.
Од таму обвинуваат за несоодветни услови за лекување во кочанската болница: Дарко вели дека има неколку работи кои очекуваат дека институциите ќе ги преземат, но кај нив има доста бирократија и претпоставува побавно им оди целата процедура.

-Ние до сега имаме обезбедено средства за по еден пар компресивна опрема, тука спаѓаат ракавици, ногавици, болера и други елементи кои би ги покривале раните кои моментално ги имаат повредените. Вчера компании од Германија и Бугарија ги зедоа мерките, ќе потрае некое време додека ги изработат и достават, можеби требаше уште порано да реагираме, меѓутоа додека се најде добавувач од страна на болницата, додека проверија со повеќе институции, дали тие се компатибилни, дали може да се користат, помина доста време, меѓутоа доста добро е што се најдоа сериозни компании, кои дојдоа со лекарска екипа која зема мерки. Моментално сите што се вратени во Кочани и ја посетуваат болницата, мислам дека се 51 лице, секако има уште лица кои се хоспитализирани, и тие кога ќе се вратат, исто така ќе им треба компресивна облека, вели тој и додава:

-Тие компресивни облеки се „custom made“ според ситуациите на лице место, по димензии и за секој пациент ќе обезбедиме по еден пар, за што се собрани 40 илјади евра, но и за вториот пар исто бараме донации, да пробаме да го финансираме. Не сме комуницирале со Владата и фондот, ние комуницираме само со повредените и Општа болница Кочани. Не знам каква била праксата порано и до која мера излегувала владата во пресрет. Сега имаме една трагедија која е од малку поразличен и специфичен карактер. Треба сериозно да се сфати од сите страни. Во моментов компресивните елементи се финансираат само од донации и од здружение на граѓани „Support Kocani“, вели Дарко.
Според него, персоналот во кочанската болница се труди највеќе на свет.
„Имаме ние доста квалитетни доктори, кои мислам веќе и сите повредени имаат доста добра релација со нив. Персонал во државните болници секако недостига, тоа е проблем стар со години. Не би било на одмет да има уште персонал, затоа што се работи за 70-80 души со тешки повреди, на кои ќе им треба третман во наредните неколку месеци, а исто така многу луѓе од целиот стрес и од целата колективна траума која ја доживеа Кочани, последиците допрва ќе ги имаат, така да кочанската болница не смее да биде неспремна“.

Дел од родитеите повредените деца ги носат во приватните болници.
-Очекувано е што има родители кои децата ги носат на лекување во приватни болници. Мислам поголемиот дел од нашето население веќе се навикна дека подобар третман има во приватна клиника, не знам колку е точна таа информација и колкава е таа бројка на пациенти. Секако условите во приватните болници ги знаеме, а ги знаеме и во државните. Тоа е на нивна иницијатива. Ние немаме информации за голем број на луѓе, но секако имаме информација дека некои од повредените користат услуги на приватни клиники, додава тој.
Дарко од „Support Kocani“ вели дека нивна цел е сите услови да се создадат во Општа болница со проширена дејност Кочани и најблиску да имаат сервис до нивните места на живеење.
-Скопје не е решение. Треба сите да застанеме, како засегнати страни, како држава, град, здруженија на граѓани, за да направеме се за општи минимални услови за лечење на сите граѓани.

-Константно доаѓаат тимови од Скопје, од Штип мислам, сите тие поминаа обука како да се третираат раните. Не сум информиран за психолошката поддршка во болницата, меѓутоа Кочани е добро покриен со психолошка поддршка, има во „Support Kocani“, комора на психолози, центар за млади, здруженија, така да мислам дека Кочани е доста добро покриено со психолошка поддршка. Она што недостасува е активација на целиот механизам и побрзо дејствување од сите установи со цел да ја избегнеме поголемата бирократија, или ако не може да се избегне, да се стави приоритет Кочани во секој момент, вели Дарко од „Support Kocani“.
Мартин Каровски