Веднаш до прекрасното село Габрово кај Струмица, познато по својата природа и Габровските водопади денеска беше отворена хациендата Лоуисандро – првиот агротуристички сместувачки капацитет во југоисточна Македонија.
Овој комплекс направен со многу љубов, е дело на струмичанецот Васко Кoциров, кој по повеќе од 20 години работа во Холандија, се врати во Габрово за да продолжи со својот бизнис во агротуризмот.
Пристигнаа и првите туристи од Холандија и заедно со нив, со амбасадорката на Холандија во Македонија Н.Е Узлем Џанел.

Домаќините своите гости ги прошетаа низ селото и заедно уживаа во новата и разновидна понуда на хациендата Лоуисандро.
-Нашата убава Струмица нуди широки можности за реализација на идеи кои ја прават атрактивна и посакувана дестинација за домашните и странските посетители, рече во оваа пригода, градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Хациендата Лоуисандро располага со 7 соби и повеќе содржини за спокоен престој и релаксација и здрава домашна храна типична за ова поднебје од сопствено производство.
Овој комплекс е успешен обид да се насочат туристите кон новиот тренд на агротуризам, преку враќање на корените во руралните средини од современите динамични градски средини и уживање во даровите од природата.