Фудбалскиот клуб Шкендија од Тетово, актуелниот шампион на Македонија, соопшти дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја преиспитала и намалила дисциплинската казна која претходно беше изречена на клубот поради инцидент поврзан со непочитување на минутата молк од страна на дел од навивачите.
Првичната санкција, изречена од Дисциплинската комисија на ФФМ, предвидуваше Шкендија да одигра пет натпревари без присуство на публика. Причината беше недолично однесување на дел од публиката, која не ја испочитува минутата молк во чест на жртвите од неодамнешната трагедија во Кочани.
Сепак, по жалбата на клубот и дополнителната ревизија, ФФМ донесе одлука за ублажување на казната. Со оваа одлука, навивачите на Шкендија ќе можат да присуствуваат на последниот натпревар од сезоната – меч кој ќе има и свечен карактер, бидејќи клубот тогаш и официјално ќе ја прослави освоената шампионска титула.
Оваа одлука беше поздравена од страна на клубот, кој изрази благодарност до федерацијата за, како што наведуваат, „фер и објективен пристап во разгледување на случајот“.
- По одлуката на Дисциплинската комисија по мечот против Брера, каде што група навивачи не ја почитуваа минутата молчење пред почетокот на натпреварот, нашиот клуб беше казнет со играње пет натпревари без публика. Оваа санкција значеше завршување на сезоната како домашен тим без навивачи на трибините. Сепак, по поднесената жалба од Шкендија, Комисијата за жалби при ФФМ одлучи да го прифати нашето барање со ублажување на дисциплинската мерка, казната е намалена од пет на четири натпревари без публика, објави Шкендија.