Средношколците од Штип кои годинава полагаат државна матура ќе го прават тоа во просториите и амфитеатрите на Универзитетот „Гоце Делчев“. Министерството за образование и наука, во координација со универзитетите, презеде мерки за да се обезбедат потребните услови за безбедно и регуларно полагање.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска изјави дека се направени сите подготовки за полагањето на државната матура, при што училиштата од Штип веќе се известени за распоредот по простории и кампуси.
- Кампус 4 е определен како регионален центар за Гимназијата, додека останатите училишта ќе полагаат во Кампус 2. Сите кои пријавија потреба од соодветен простор ќе полагаат во амфитеатрите на Универзитетот ‘Гоце Делчев’“, изјави Јаневска и се заблагодари на ректорот и деканите за соработката.

Таа додаде дека се спроведуваат мерки за почитување на протоколите, вклучително и растојание од метар и половина меѓу учениците. Полагањето ќе се одвива под строг надзор, а мобилните телефони ќе бидат забранети – учениците ќе мора да ги остават на одредено место во просторијата.
Во Штип, но и во Битола и Скопје, ќе се користат универзитетски објекти за оваа намена.
- Апелирам до учениците, родителите и наставниците да не дозволат препишување. Нашето образование има потреба од подобрување, и тоа може да го постигнеме само со искрен труд. Иднината на Македонија е во умните глави што мораме да ги мотивираме“, порача Јаневска.
Во однос на електронските индекси, министерката информираше дека процесот е веќе целосно спроведен на УГД, додека на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје некои факултети сѐ уште го имплементираат системот.