Во подрачниот објект на основното училиште „Ванчо Прќе“ во Ново Село заврши реконструкцијата на просториите за продолжена настава, со што се создадени подобрени услови за воспитно-образовен процес за 80 ученици.
Проектот, кој се реализира на иницијатива на родителите, овозможува организирање на продолжен престој и дополнителни активности за учениците во безбедна и стимулирачка средина.
По тој повод, денеска училиштето го посетија министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Штип Иван Јорданов. Тие истакнаа дека вложувањето во образовната инфраструктура е приоритет и дека ваквите инвестиции директно придонесуваат за поквалитетно образование и поголема поддршка за родителите.
„Со оваа инвестиција ја потврдуваме заложбата на Министерството и општината за унапредување на условите за учење и развој на учениците. Задоволството на децата и родителите е наша најголема мотивација,“ изјави министерката Јаневска.
Градоначалникот Јорданов додаде дека општината и понатаму ќе вложува во модернизација на училиштата, со цел секое дете да има пристап до квалитетно и современо образование.