Кочанско основно училиште има заостанат ненаплатен долг кон комуналното ЈП Водовод во висина од 2.078.377 денари.
Така вели Решението за издавање на нотарски платен налог НПН. Бр. 1117/22 од 30-ти јуни 2022 година, обзнани денеска в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски.
Решението училиштето не го обжалило, а сепак не било ниту наплатено.

- Од правната служба добив одговор дека по ова Решение не е вложена жалба и истото е правосилно. Целата постапка од нејасни причини е запрена и решението не е дадено на извршување, ниту е склучена спогодба за начинот на плаќање, вели Крстевски.
Долгот на училиштето кон КЈП Водовод е иницијална каписла за ангажирањето на ревизорска фирма од страна на општината за работењето на КЈП Водовод, заради, како што вели Крстевски, негрижата во раководењето со претпријатието:
- КЈП Водовод не се грижи за наплата на своите побарувања, истото е блокирано од доверители, ставено во рамка од суд за плаќање на обврски за кои доверителите ќе побаруваат и камата, бара гаранција од општината за плаќање на струја кон доверителите на рати и тн, додава Крстевски.
Пред ревизијата на работењето на претпријатието, општината ќе направи увид на ситуацијата, за која Водовод има рок од 3 дена да достави целосна документација.
Станува збор за сите Решенија за издавање на нотарски платени налози кои не се дадени на извршување, оние кои се дадени на извршување со аналитичка картица на увид, картици од сите правни лица кои најмалку 2 месеци ги немаат подмирено долговите кон претпријатието, а доколку постои основ, од директорот се бара да поведе дисциплински постапки против сите инволвирани во неправилностите.
