Разговорите помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство и лидер на крило на Алијанса за Албанците (АА) Арбен Таравари околу иднината на функционирањето на АА во Владата ќе продолжат, a исходот треба да се знае месецов.
Вчерашната средба на Мицкоски и Таравари, закажана по превирањата во коалицијата „Вреди“ и тврдењата за соработка на Таравари со ДУИ, како што брифираа од владината прес-служба за МИА, поминала во конструктивен дух, а во текот на месецов ќе се знае иднинатата за функционирањето на АА. Од Владата информираа дека премиерот на средбата ги потврдил претходно изнесените позиции.
Мицкоски вчера изјави дека Таравари треба да одбере една од двете опции – „патот на реформи и владеење на правото, борба за праведно општество и институции кои функционираат“ или ќе им се придружи на „оние политички сили кои со години ја криминализираат и уништуваат државата“.
- Генерално би сакал да слушнам како размислува во делот на последните случувања во јавноста. По мене има, две опции за избор. Едната е оваа што ја нуди оваа Влада, на реформи, на промени, на испорака за граѓаните и втората опција е онаа која што години наназад, повеќе од две децении ја криминализираше државата, ги уништуваше институциите и практично ја клекна државата и граѓаните. Тоа е изборот, нема трета опција. Би сакал да слушнам од господинот Таравари која опција за него е, бидејќи јас не гледам трета опција, изјави премиерот Мицкоски, на новинарско преашање при посетата на Штип.
Тој оцени дека „со или без господинот Таравари Владата е стабилна, цврста и со големо мнозинство и оти останува на него и неговите сопартијци да одлучат за една од двете опции“.
Со Таравари, како што рече Мицкоски, во политиката комуницираат долго време и за него како човек има позитивно мислење, но, нагласи „никого во животот не сум молел, ниту пак имам намера да молам“.
Таравари пак, вчера изјави дека остануваат на одлуката донесена на Претседателството на партијата на Локалните избори во октомври да настапат со посебни советнички листи но дека ќе го слушне и ставот на премиерот по што ќе проценат како партија како ќе продолжат понатаму.
- Тоа што сме го поминале на Претседателство дека Алијанса за Албанците ќе има посебни советнички листи и најверојатно сопствени кандидати за градоначалници во општините каде излегуваме. Така што ќе го слушнеме и премиерот и потоа ќе процениме како продолжуваме понатаму, рече Таравари, на новинарско прашање на настан во Тетово.