По повод 3 мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), со поддршка од Европската Унија, организираше изложба на новинарска фотографија под наслов „Медиумска слобода низ објективот: Моментите што зборуваат” и свечено ги додели наградите за најдобри фоторепортерски остварувања за 2024 година.
На јавниот повик што го распиша ЗНМ пристигнаа вкупно 15 апликации, секоја со свој уникатен пристап во доловувањето на значајни општествени моменти. Жири-комисијата, составена од Владимир Арсовски, Боро Арсовски и Роберт Коцев, ги селектираше најдобрите три фотографии.
Првата награда беше доделена на фоторепортерот Слободан Ѓуриќ за фотографијата „Татко – Кочани“.
Втората награда ја доби фотографијата „Канадер – Охридско Езеро” од фоторепортерката Маја Јаневска-Илиева.

Третата награда ја поделија фоторепортерите Ѓорѓи Личовски зафотографијата „Ловец на Персиди“ и Роберт Атанасовски за фотографијата „Женски водици“.
Претседателот на жири комисијата Владимир Арсовски пред присутните го истакна своето задоволство и нагласи имавме тешка одлука околу доделувањето на наградите, бидејќи сите пристигнати фотографии беа одлични како од естетски така и од наративен и емотивен аспект. Одлуката на членовите на жирито беше субјективен став но сепак објективен израз на вредноста на наградените фотографии.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски истакна дека во време кога медиумските работници се соочуваат со сериозни предизвици, важно е гласно да се поддржат оние што со својот објектив ја забележуваат вистината.
„Тоа е посебната улога на фоторепортерите – да бидат и сведоци и хроничари на времето, да ни ги пренесат моментите на радост и надеж, но и моментите на тага, кои понекогаш не можеме да ги изразиме со зборови.“ рече Чадиковски.
Оваа изложба претставува креативен и силен пресек на настаните што го обликуваат нашето време – документирани преку визурата на професионалните фоторепортери. Дел од фотографиите го доловуваат еден од најтешките колективни моменти во поновата историја – трагедијата во Кочани, при што фоторепортерите се покажаа како хроничари на болката, но и на достоинството и човечноста.
ЗНМ ќе продолжи да ја поддржува слободата на изразување и да ја промовира важноста на визуелното новинарство како дел од професионалното медиумско известување.
Изложбата ќе биде отворена до 12 мај и сите заинтересирани ќе имаат можност да погледнат во просториите на Музејот на град Скопје.