Кабинетот за безбедност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху гласаше за интензивирање на офанзивата против палестинското екстремистичко движење Хамас во Појасот Газа сè додека териториите на енклавата не бидат целосно освоени, изјави денеска министерот Зеев Елкин.
Претходно, израелската јавна телевизија Кан, повикувајќи се на израелски претставници запознаени со деталите од одлуката на кабинетот за безбедност, објави дека новиот план вклучува неколку фази и дека неговата имплементација може да трае со месеци, при што вооружените сили прво ќе се фокусираат на еден дел од воено разурнатата енклава.
- Ваквите рокови би можеле да ја отворат вратата за преговори за постигнување прекин на огнот и ослободување на заложниците држени во Газа пред очекуваната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на регионот следната недела, рече Елкин.
Израел, кој веќе контролира околу една третина од Газа, ги продолжи копнените операции во март по неуспехот на прекинот на огнот поддржан од САД, со кој беа прекинати борбите два месеца. Оттогаш, Израел воведе целосна блокада на пристапот до помошта до енклавата.
Елкин рече дека израелските сили, наместо да извршуваат напади во одредени области, а потоа да се повлекуваат од нив, како што правеа досега, ќе останат на териториите што ги зазедоа сè додека Хамас не биде поразен или не се согласи да се разоружа и да ја напушти Газа. Хамас ја исклучува таквата можност.
Израел сè уште не претставил јасна визија за повоената обнова на Газа, бидејќи се соочува со меѓународен притисок да ја прекине воената операција во енклавата што ги расели повеќето од 2,3 милиони луѓе во Појасот.
Израелскиот функционер изјави дека планот одобрен од кабинетот за безбедност ќе резултира со преселување на населението на Газа на југ и ќе спречи хуманитарната помош да падне во рацете на Хамас.