Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик. Истрага е поведена и против уште едно лице за кривично дело – Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 од Кривичниот законик.
-Првиот осомничен, вчера при вршење семејно насилство во домот во Шуто Оризари, ја лишил од живот својата партнерка со која живеел во вонбрачна заедница. Делото го извршил во присуство на 5-годишната ќерка. На жртвата и нанел повреди и убодни рани со нож во пределот на вратот и градниот кош, од кои таа починала на лице место. Веднаш потоа избегал од домот, во што му помогнал вториот осомничен кој му дал друга облека и му овозможил превоз со автомобил до граничниот премин Табановце. Во непосредна близина на границата го оставил и се вратил во Скопје каде се обидел да ги прикрие трагите на своите помагачки дејствија, информираат од ОЈО.
Осомничениот за убиство продолжил кон границата каде бил запрен и уапсен.
-Во текот на денешниот ден, по наредба на јавен обвинител беа преземени повеќе дејствија со кои беше пронајдено оружјето со кое е извршено убиството, облеката на сторителот и други материјални докази кои се обидел да ги прикрие и кои ќе бидат предмет на вештачење. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлози за определување мерка притвор и за осомничениот за убиството и за неговиот помагач, се вели во соопштението од ОЈО.