Секогаш кога ВМРО ДПМНЕ доаѓа на власт, во Македонија паѓа оценката за слободата на медиумите – ова е оценка што преовладува во критичките тонови откако вчера беше објавен Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година во светот. Македонија падна за 6 места во однос на лани и се најде на 42. Место на листата што ја подготвува Репортери без граници. Меѓутоа, според Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) позагрижувачки се поединечните оценки и особено фактот дека 69 отсто од вработените во македонските медиуми земаат плата пониска од просечната.
-Ние имаме пад за три индексни поени во делот на легислатива. Тие бројки би требало да бидат уште подолу. Ние имаме извонредно 42-ро место. Ако вистински се занимаваме со проблематиката, ние би биле многу подолу. Внимавајте, Србија е на 92 место. Ние сме втори во регионот, а сепак паѓаме, рече Беловски во „Стадион“ на Канал 77.
„Растечкиот авторитаризам во Европа ја уништува слободата на медиумите“ е генералната оценка за медиумите во светот во извештајот на Репортери без граници.
Дејан Ѓеоргиевски од Центарот за развој на медиуми смета дека 42.место е како што рече „одлично“.
– Она што мене ме загрижува е падот во оценките. Во општата оценка сме паднале за 4 поени, во политичките 10,во социјалните е пад за 5 поени. Исто е за безбедноста, добра е оценката и законодавството затоа што нешто усвоивме ,нешто направивме, но таму целото законодавство треба да го ревидираме, рече Ѓеоргиевски.
Како илустрација на светските прилики, Ѓеоргиевски ја истакнува Русија, која на оваа листа од 2023 година до 2024 година се качи за 6 места. Сега пак паднаа.
-Ги гледав забелешките за цел свет – исти се како за Македонија. Политичките притисоци растат секаде, поларизацијата расте, има криза на доверба – публиката не им верува на медиумите, но и медиумите не ѝ веруваат на публиката. Во таква ситуација извештајот требаше да почне од шесто место, сите работ во исти услови – на првите места ќе беа скандинавските и балтичките земји, па сите други, смета Ѓеоргиевски.
Беловски во „Стадион“ ги анализираше економските прилики во македонскиот медиумски бизнис, кој не заработува и изнесе податок дека само за плати се трошат 18 милиони евра годишно.
-Зборуваме за 18 милиони евра годишно се трошоците за плати на нашиот медиумски сектор. Рекламниот колач оваа година ќе падна под 12-13 милиони евра реално и годинава имаме избори, што значи уште 5 милиони – тоа се 17 милиони евра. Сепак, недостасува 1 милион евра да се покријат платите. Зборуваме за индустрија, која не заработува. Создава добра, нешто содржина, но не може да ја наплати. Ни недостиг уште многу пари. За програма останува нула. Тоа е бедотија, кажа Беловски.
Во рекцијата на ССНМ по објавувањето на Извештајот, се вели дека токму главните параметри на кои постојано предупредува и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) придонеле за овој пад на индексот на слобода на медиумите.
-Како најалармантно го сметаме финасирањето на медиумите, кое е нетранспарентно, недоволно и со одржливост која постојано се доведува во прашање, ги става новинарите и нивниот интегритет подложни на влијание од разни центри на моќ, е ставот на ССНМ.
Според Репортери без граници, законодавството поврзано со медиумите мора итно да се реформира, односно да се усогласи со европските акти за слобода на медиумите, а потребни се и сериозни напори за заштита од таканаречените СЛАП тужби кои претставуваат механизам за заплашување на новинарите од страна на моќниците, а често доведуваат и до автоцензура.