По избивањето на вчерашниот скандал во кочанското училиште ,,Никола Карев” објавен од ММС и Канал 77, во кој семејството на момче загинато во ,,Пулс” тврди дека директорот на училиштето го измамил нивниот син да ги фотографира групно учениците од прво до девето оделение, а потоа 9 месеци одбивал да му го исплати сработеното и нему, но и на семејството по неговата трагична смрт во дискотеката ,,Пулс”, в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, ги повика сите родители на ученици во ОУ ,,Никола Карев” да ги споделат своите сознанија за случајот со него:
- Ги повикувам сите засегнати родители во врска со групното фотографирање да дојдат во петок во мојата канцеларија во било кое време, за да ги утврдиме фактите и да превземеме понатамошни активности, вели Крстевски.
Директорот на ОУ „Никола Карев“ ги негираше наводите и посочи дека одговорни за неплаќањето на момчето се родителите на учениците и класните раководители и дека родителите на момчето треба од нив да си ги бараат парите.
Семејството на момчето објави дека не ги сака парите за себе, туку бараат од директорот сумата од 42 илјади денари, колку што е долгот кон загинатото момче, да ја донира на било кое од загинатите деца во „Пулс“ преку платформата Support Kocani и за тоа да приложи доказ пред целата јавност.