Дали некој исплаќа плата под минималната е работа на Државниот инспекторат за труд (ДУТ). УЈП, како што вели директорката Елена Петрова, ги доставува податоците до ДУТ за да може да делуваат и тие навремено во делокругот на нивните надлежности, а кои се однесуваат и во делот на работничките права
„Надлежноста на УЈП е во делот на пресметките на плата и сѐ она што е регулирано со Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување и соодветниот правилник. Надлежностите на УЈП се однесуваат на контрола на точноста на пресметките на придонесите и данокот и спроведување на мерки за присилна наплата и други казнени мерки во однос на пресметките кои не се поднесени и не се платени“, кажа Петрова денеска на Економскиот факултет во Штип, каде учествуваше на трибина по повод 33-годишнината од монетарното осамостојување на Македонија.
Како што рече Петрова, во земјава постојат многу институции кои имаат лош углед или од граѓаните се препознаени како негативци во нивниот контакт и услуги кои ги добиваат од истите.
Кога станува збор за Управата за јавни приходи, директорката смета дека некогаш порано и УЈЛ имала лош углед, но денес е препознаена како сервис на граѓаните:
- Во минатото пред некои 30 години, Управата за јавни приходи беше перципирана од даночните обврзници како орган кој врши контрола и сее страв, денеска современата УЈП е препознаена како сервис на фирмите и граѓаните, вели Елена Петрова, директорка на УЈП.