Загрижувачкиот извештај на Државниот завод за ревизија буквално го опишува целокупното четиригодишно лошо, неодговорно и неефикасно управување со Јавното претпријатие „Исар”, велат од општинската организација на СДСМ Штип:
- Покрај тоа што се бележи загуба на дури 60% од произведената вода, ЈП Исар:
• нема дозвола за третман и депонирање на отпадот,
• нема евиденција и мерење на изнесениот отпад,
• и доцни со исплата на долг во висина од 25,2 милиони денари кон Министерството за финансии.
Дополнително, го прашуваме градоначалникот Иван Јорданов: Што е преземено во врска со уништените бунари, штета која, според достапните информации, изнесува над 30 милиони денари? Зошто никој не сноси одговорност за оваа еколошка и економска катастрофа? Во услови кога ЈП Исар бележи огромни загуби и долгови, Јорданов планира да гради парк во вредност од 100 милиони денари, токму во заштитената зона каде се наоѓаат бунарите од кои до пред некоја година беа единствен извор за водоснабдување на територијата на Штип. Наместо да се вложува во санација на мрежата, намалување на загубите и решавање на отпадот, се одлучува за проекти кои повеќе личат на параван за расфрлање со парите на граѓаните, вели Павел Иванов од општинската организација на СДСМ Штип.