Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција бара дополнителни 1,15 милиони евра од Асмир Јахоски, за тој да може да излезе од истражниот затвор во Шутка и да се брани од слобода. Тој веќе понудил гаранција во недвижен имот проценет на околу еден милион евра, но тоа не е доволно, според обвинителите.
Сопственикот на „Пуцко петрол“ е осомничен во рамки на истрагата за перење пари поврзана со набавката на мазут, а јавниот обвинител доставил мислење до Кривичниот суд во кое истакнал дека гаранцијата е прифатлива само доколку Јахоски уплати дополнителни 72 милиони денари на посебна сметка на судот, сума која одговара на наводната противправно стекната имотна корист.
Дополнително, обвинителството бара и изрекување на мерки за претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на патната исправа, како и обврска повремено да се јавува на надлежен орган.
Јавниот обвинител при формулирањето на мислењето ги земал предвид доказите, како и тоа дека постои намален ризик Јахоски да влијае на сведоци или да ја попречува истрагата, бидејќи веќе се обезбедени клучни вербални и материјални докази. Само доколку бидат исполнети сите овие услови, обвинителството ќе смета дека се создадени правни основи за укинување на притворот.
Во истата истрага, поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство, како и Ардијан Муча и Ерџан Сулкоски, се меѓу останатите осомничени. Сулкоски, поранешен вработен во „Пуцко петрол“ и сегашен бизнис партнер на Капушевски, исто така е во притвор.
Капушевски, сопственикот на фирмата „РКМ“, и неговата компанија се под сомнение дека две години незаконски увезувале мазут за ТЕЦ Неготино, иако не ги исполнувале условите од јавниот повик. Поднесена е лажна документација, што резултирало со оштетување на буџетот од речиси 170 милиони евра.
Според Обвинителството, имало фиктивен договор помеѓу двете фирми за извлекување пари, а Капушевски, во два наврата, префрлил 1,2 милиони евра на сопствената фирма под изговор на позајмица – трансакции за кои се сомневаат дека претставуваат перење пари.
Иако првично доби домашен притвор, по жалба од Обвинителството, Јахоски беше префрлен во Шутка. Обвинителството објаснува дека за делото „перење пари“, притворот може да биде продолжен најмногу 30 дена, по што, според законот, тој мора да биде пуштен да се брани од слобода – доколку не се одреди нова мерка.