Штипската касарна „Јане Сандански“ одбележа 110 години од смртта на еден од најголемите револуционери во македонската историја, Јане Сандански, кој на денешен ден во 1915 година бил убиен од своите политички ривали во рамките на револуционерната организација.
- Денес, после 110 години од неговата смрт, дефинитивно можеме да потврдиме дека Јане Сандански е од оние кои ја создадоа македонската историја. Животот и револуционерното дело на Сандански длабоко се вткаени во вековната борба на македонскиот народ за слобода и создавање на самостојна, суверена и независна македонска држава. Не попусто државата му оддава почит и спомен со опевање во својата химна. Сандански најпрецизно може да се опише како претставник на македонската народна интелигенција и авагарда на своето време, чија јасна определба била изведување на морална и политичка револуција, вели командантот на Првата пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски.
На спомен одбележјето се поклони и штипскиот градоначалник, Иван Јорданов.
Јане Сандански е погребан во селото Рожен во пиринска Македонија, пред влезот на Роженскиот манастир.


