Основното јавно обвинителство Тетово изјави жалба на пресудата на Основниот суд во Тетово од 07.04.2025 година со која обвинетиот М.П. беше осуден – за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик и му беше изречена казна затвор во траење од две години.
-Жалбата е вложена поради висината на кривичната санкција, која според обвинителот е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот. Меѓу околностите поради кои обвинителството бара построга казна се особено тешките подледици од сообраќајната несреќа, во која пешакот Теодора Ристовска се здоби со тешки телесни повреди од кои потоа почина. ОЈО Тетово го имаше предвид мислењето на Судскиот совет изнесено во однос на овој предмет пред тој да биде правосилно завршен, информираат од ОЈО и додаваат:
-Меѓутоа, со оглед на тоа што Јавното обвинителство во претходната постапка за овој настан во ниту еден момент не се согласило со двегодишна затворска казна, надлежниот јавен обвинител смета дека сепак има простор за корекција на санкцијата. Освен тоа, општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам, па јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд Гостивар да ја преиначи казната во повисока. Дополнително, и семејството на жртвата кое во оваа фаза од постапката нема право на жалба, писмено со обрати до обвинителството за да побара да ја обжали пресудата, се вели во соопштението.