Нови десет полициски службеници од вчера се опфатени со истрагата за пожарот од Кочани. Меѓу седумте службеници, кои синоќа требаше да бидат обезбедени од полицијата е и пензиониран началник на полицијата во униформа во Штип, кој не бил најден од своите колеги. Екс-началникот се’ уште не е обезбеден.
Се работи за долгогодишен полицаец, кој целиот свој работен век го помина во СВР Штип, а дел од неговото семејство работи во штипската полиција.
Во соопштението на МВР се соопштува дека се работи за С.Д. , кој во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќај во Одделение за полиција во СВР Штип.
„Второпријавениот Ј.Т. и третопријавениот С.Д. на 10.02.2018 доставиле мислења и не извршиле целосна проверка пред да ги изготват мислењата и согласноста, каде спротивно на член 6 став 3 од Законот за угостителска дејност констатирале дека кабаре „Пулс”, претставувано од ДПТТУ „Класик ДМ” ДООЕЛ Кочани ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај“, стои во соопштението на МВР.
Денеска се кршат копјата кој бил виновен за „пробивањето“ на приведувања. Државниот обвинител Љупчо Коцевски синоќа додека гостуваше на телевизија јавно кажа дека во тек се приведувањата на нови седум полициски службеници. Од МВР соопштија дека бројката се зголемува за уште тројца полицајци.
Според неофицијалните информации повеќето приведени се пензионирани полициски службеници, кои имале раководна функција од 2013 година па наваму, кога почнала со работа опожарената дискотека „Пулс“ од Кочани