Вкупно 57 од 193 пациенти од трагедијата во Кочани остануваат да се лекуваат во болниците низ Скопје и странство, двајца се во критична состојба, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Од 57, деветмина се во Скопје. Двајца се моментално на Клинички, на Пластична хирургија. Четворица се во Свети Наум Охридски, еден пациент во ГОБ 8 Септември. Останатите се лекуваат во приватни болници.
-Сите се во стабилна состојба, подвлече Таравари.
Во странство се лекуваат 48 лица од трагедијата во Кочани.
-Еден пациент се враќа денеска од Унгарија, па ќе останат четириесет и седум пациенти во странство, рече Таравари.
Тој рече дека двајца се во критична состојба, другите се екстубирани. Некои биле на рехабилитација, други чекале оперативни зафати.
Како добра вест, министерот посочи пациентка двапати реанимирана, која денеска на Пластична хирургија била во сосема подобра состојба.
-Добар пример за пациент кој беше многу тежок, додаде Таравари.
За оваа пацентка директорката на Клиниката за пластична хирургија Јасмина Ѓоргиевска Павловска рече:
-Сите пациенти тоа утро беа во тешка состојба. Пациентката е реанимирана прво во Ургентен центар, па пренесена на Карил и е првата пацинтка која е испратена во странство. Компликации настанале и за време на лечењето, но, е вратена и е во стабилна состојба. Си шета и сите сме радосни на тоа. Утре се планира мал хируршки зафат за третирање на раните, на кои им треба доста нега. Кога сите наоди ќе бидат добри ќе биде пуштена на домашно лекување, рече директорката.