Тензична е атмосферата меѓу советниците на општина Кочани пред понеделничкиот избор на в.д. градоначалник на втората најголема општина на Истокот, по оставката на Љупчо Папазов заради катастрофалната трагедија во дискотеката Пулс.
Веќе споменатиот потенцијален кандидат за градоначалник, независниот советник Венко Крстевски, во објава на фејсбук ги прозва ВМРО ДПМНЕ и СДСМ за нивните планови за предлог кандидати:
- Кој ќе биде В.Д. Градоначалник на Кочани? Дали вмро дпмне планира да предложи лице кое е гратис советник и нема никаков легитимитет, бидејќи се откажаа двајца советници за да истиот стане советник? Дали е вистина дека тоа лице се поврзува со лажни профили и фејсбук страни кои објавуваа гнасни содржини за кочанчани низ годините? Дали таквиот предлог е заслуга за учеството во дискриминирачки профили кои што објавуваа невистини и сакаа да уништат многу животи на кочанчани? Дали постои заеднички договор помеѓу вмро дпмне и сдсм со гласање на САМО 10 советници, без согласност со консензус и општо-прифатен од народот, такво лице да биде градоначалник? Дали сдсм и коалицијата ќе дадат поддршка за такво лице? Доколку има некаков договор помеѓу поголемите партии зошто не превземе одговорност Претседателот на општинскиот огранок на вмро дпмне во Кочани и актуелен заменик градоначалник? И дали на истиот му е битно само да учествува во комисии кои се скапо платени?, напиша Крстевски на фејсбук.
На објавата Крстевски додаде: „Тоа е Гоце Марков, актуелен медицински брат, кој патем не е ни од Кочани. Истиот е советник од скоро само поради тоа што наместија подмукло еден советник неколку месеци да биде директор на КЈП Водовод па го сменија и друга советничка бидејќи се откажа.“

Денеска советникот Гоце Марков јавно побара извинување од Венко Крстевски за објавеното:
- Денес во консултација со мојот правен застапник е пуштено писмо во кое се БАРА извинување од лицето Венко Крстевски кое на својот ФБ профил со негова објава изнесува клевети и невистини за мене а со тоа го нарушува мојот углед и чест. Во овие денови на тага и болка во Кочани, а воедно и денови кога ќе се прекршуваат многу наталожени проблеми и ќе мора со сите сили да се бориме да останеме луѓе, истото лице манипулира со јавноста преку лаги и невистини кои ниту може да ги докаже, ниту има најмала конекција со вистината… Затоа БАРАМ од ова лице јавно да се извини како на неговиот профил на социјалните мрежи така и секаде каде истата вест е пренесена. Поради невистините и клеветите ќе следува ТУЖБА, во која ќе барам материјална оштета за клевета и нарушување на углед во општеството и истите средства ќе ги донирам на ранливи категории, напиша Марков.


Советот на општина Кочани на седница во понеделник со почеток од 12 часот ќе избере вршител на должноста градоначалник од редот на советниците, кој ќе ја обавува функцијата до локалните избори во октомври.
(М.К.)