Според Henley Passport Index 2025, најмоќниот пасош во светот е оној на Сингапур, кој овозможува безвизен пристап до 195 дестинации. На второ место е Јапонија со 193 дестинации, а третото место го делат Франција, Германија, Италија, Шпанија, Финска и Јужна Кореја, со 192 дестинации. Македонскиот пасош е на 39-тото место и безвизно државјаните на Македонија може да патуваат во 129 земји. Од земјите во регионот, Грција и Бугарија имаат значително повисок ранг, додека Србија и Албанија се поблиску до Македонија во однос на глобалната мобилност.
Грција е на петтото место, со можноста безвизно да се патува на 187 дестинации, додека Бугарија е на 13-то место со 177 дестинации.

Рангирањето на пасошот на Македонија варирало во последните години, но генерално останува во средниот опсег на глобалната мобилност. Во последните 4 години, најдобра позиција македонскиот пасош имал лани, кога се нашол на 37-то место, оваа на 39-тото, во 2023 година на 42-рото и во 2022 година на 46-тото место.
Рангирањето на Henley Passport Index се базира на бројот на земји и територии каде сопствениците на одреден пасош можат да патуваат без потреба од виза или со виза по пристигнување. Оваа анализа се темели на ексклузивни податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), како и независни истражувања спроведени од Henley & Partners.
Клучни фактори што влијаат на позицијата на еден пасош во рангирањето се безвизниот пристап – Колку повеќе земји овозможуваат влез без виза, толку повисок е рангирањето, потребата од виза по пристигнување – Земјите каде што се издава виза по пристигнување исто така се вклучени во вкупниот број, глобалните политики и дипломатски односи – Договорите меѓу државите може да ја зголемат или намалат слободата на патување, и безбедносни и економски фактори – Некои земји може да воведат нови ограничувања врз основа на безбедносни ризици или економски интереси.