Изминува четвртата недела од страшната несреќа во Кочани во која згасна 61 живот а 200 луѓе беа повредени, рече на прес конференцијата Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ .
-Истрагата за најголемата несреќа во поновата македонска историја сè уште не дава одговори на клучните прашања: Кој е одговорен за пожарот во „Пулс“ и за сериозните пропусти на безбедносните институции? Сè уште нема проширување на истрагата за безбедносните пропусти направени на кобната ноќ – ниту пак на оние што ѝ претходеле. Ниту еден функционер од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ не е повикан на распит, ниту опфатен со постапка. Наместо тоа, МВР поднесува кривични пријави против граѓани за објави на Фејсбук кои јавно бараат правда и неселективна истрага, рече Кузеска и додаде:
-Дури и на младите кои протестираа во Кочани и го изразуваа својот револт за загубените животи на нивните другари и другарки МВР им поднела кривични пријави. Не се повикуваат оние кои биле на функции, нема кривични пријави, ама затоа се гонат младите кои пишуваат на Фесјбук и кои бараат одговорност и неселективна правда. Дали МВР смета дека на овој начин некој треба да биде замолчен? Слободата на говор не е закана за истрагата. Младите не се непријатели – тие се совеста на ова општество. СДСМ бара од МВР веднаш да престане со притисоци и гонење на граѓани поради ставови и јавно изразено мислење. Ги повикуваме и Хелсиншкиот комитет и другите организации за човекови права да реагираат. Јавноста со право бара одговори за трагедијата и го поставува прашањето – зошто истрагата е селективна и не ги опфаќа сите инволвирани лица и актуелни функционери? Граѓаните, семејствата на загинатите и целата јавност заслужуваат вистина и правда – не молк и страв, кажа таа.