Стотици илјади луѓе учествуваа на повеќе од 1.400 протести низ сите 50 сојузни држави на САД против претседателот Доналд Трамп и американскиот милијардер Илон Маск, кој е на чело на Одделот за ефикасност на владата (ДОГЕ), објавија светските медиуми.
Си-Ен-Ен и некои други медиуми објавија дека милиони луѓе учествувале на протестите, организирани од продемократското движење.
Организаторите на демонстрациите велат дека се против, како што го нарекуваат, „непријателско преземање“ и напад врз американските права и слободи од страна на Трамп и Маск.
Протести се одржаа во главните градови на американските држави, федералните згради, канцелариите на Конгресот, централата за социјално осигурување, парковите и градските сали низ САД.
Anti-Trump protest in Boston 🇺🇸 pic.twitter.com/9xsICDQDwv
— MAKS 24 🇺🇦👀 (@Maks_NAFO_FELLA) April 5, 2025
Организаторите на протестот ги поканија сите кои се противат, меѓу другото, на нападите врз демократијата, кратењето на работните места, депортацијата на мигрантите и отстранувањето на правата на ЛГБТК заедницата, да се приклучат на демонстрациите.
Организаторите на протестот вклучуваат, меѓу другото, организации за граѓански права, ветерани, групи за правата на жените, работнички синдикати и групи за правата на ЛГБТКју.
Од 28 март, Трамп отпуштил најмалку 121.360 вработени во федералната агенција, според Си-Ен-Ен.
Според организаторите, околу 150 активистички групи се пријавени за учество на протестите.
Некои демонстранти носеа украински знамиња, додека други носеа палестински кефии и натписи „Слобода за Палестина“.
Помошникот на прес-секретарот на Белата куќа, Лиз Хјустон ги оспори обвинувањата на демонстрантите дека Трамп има за цел да ги намали трошоците за социјалното осигурување и Medicare за ранливите.
Додека протестите продолжија низ целата земја, Трамп го помина денот играјќи голф на Флорида.
Освен во САД, протести против Трамп и Маск се одржаа и во повеќе европски градови, меѓу кои Берлин, Франкфурт, Лондон и Лисабон.
The anti Trump protest in NYC is actually pretty big.
I didn’t realize there were this many losers out there. pic.twitter.com/aJbKYuat8G
— Derrick Evans (@DerrickEvans4WV) April 6, 2025
Во регионот на Вашингтон синоќа се оддржаа десетици антивладини протести, дел од националниот протестен бран против претседателот Доналд Трамп и неговиот соработник, милијардерот Илон Маск.
Главното мото на протестите е „Рацете настрана“.
Дописникот на МИА беше на настанот што се одржа на Националната алеја, во близина на споменикот на Вашингтон, каде свое обраќање имаа повеќе политичари и активисти меѓу кои и Џејми Раскин, истакнат демократ и член на Претставничкиот дом од Мериленд.
-Ниту една морална личност не сака диктатор кој ја урива економијата, зборува само за цени а не за вредности, истакна тој, заложувајќи го фактот дека администрацијата на Трамп е одговорна за падот на берзите, нападите врз приватни адвокатски фирми и негувањето врски со диктаторските режими.
„Рацете настрана“ е иницијатива на коалиција од организации за граѓански права, синдикати, застапници за ЛГБТК+ правата, ветерани и изборни активисти. Ова движење вчера организираше над 1.200 демонстрации во десетици градови низ Америка.
-Ние се бориме за национална мобилизација за да се спречи најдрското преземање на моќ во модерната историја, пишува на веб-страницата на „Рацете настрана“.
Освен на Националната алеја, демонстранти во Вашингтон беа забележани и пред други федерални институции, вклучувајќи ги канцелариите на УСАИД и зградата „Роналд Реган“. Тие ја критикуваа владата за кратењата во здравството, нападите врз трансродовите лица, и отпуштањата на федерални службеници. Локални протести се одржаа и во северна Вирџинија и Мериленд.
Потоа, говори одржаа и адвокатот Пол Осадебе и Кели Робинсон, претседателка на Human Rights Campaign. Тие ја обвинија администрацијата дека не ги цени работниците и дека организирано ги напаѓа ЛГБТК+ заедницата, образованието и здравството. Истовремено, во Вашингтон се одржа и про-палестински марш.
Поради протестите, Белата куќа ја одложи пролетната екскурзија на градините каде овие недели цветаат јапонските цреши.
Во реакцијата на Белата куќа синоќа стоеше дека Трамп ќе ги заштити програмите за социјална сигурност и здравствена заштита (Social Security и Medicare), и ги обвини демократите дека ги загрозуваат овие системи преку поддршка на нелегалните имигранти.
Според организаторите, овие протести беа едни од најголемите досега по враќањето на Трамп во Белата куќа. Според проценките, на протестите во Вашингтон и околината учествуваа околу 40.000 луѓе.