Вечерва судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје го прифати предлогот на обвинителството и на осомничените татко и двајца синови кои се сомничат дека сториле кривични дела трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти и им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
-Судијата го имаше предвид образложението на јавниот обвинител во врска со предлогот за определување на мерка притвор, особено фактот што против првоосомничениот веќе се води постапка во ОЈО ГОКК за сторено кривично дело Криумчарење на мигранти за кое му била определена мерка притвор која Кривичниот совет решавајќи по жалба на одбраната прифатил гаранција од 185.382 евра во земјоделско земјиште и ја преиначил мерката притвор, определувајќи му мерки на претпазливост. Апелациониот суд решавајќи по жалба на ОЈО ГОКК ја отфрлил истата и ја потврдил одлуката на Кривичниот совет, по што тој го повторил делото, сторувајќи дополнително уште едно кривично дело, информираат од Кривичен.
Од ОЈО ГОКК уште денес информираа дека двајца од осомничените, во текот на месец март годинава, заедно со организатор по потекло од арапските земји кој престојувал во Грција и повремено во скопскиот регион, со цел стекнување имотна корист се здружиле и како дел од меѓународна криминална мрежа организирале меѓународна криминална група во РСМ која имала за цел вршење на кривично дело – Криумчарење на мигранти.
-Групата co помош на водичи т.н. ,,качаци“ организирала илегално пренесување на групи мигранти од територијата на Грција на територијата на Македонија преку илегални премини т.н. зелена граница. По дадени задачи и насоки од првоосомничениот, неидентификувани припадници на групата со ПМВ ги прифаќале и ги преземале мигрантите и ги превезувале до село Студеничани од каде тројцата осомничени ги прифаќале и времено ги засолнувале, а потоа илегално ги пренесувале од територијата на Србија кон државите на ЕУ, стои во соопштението.