Дискотеката „Пулс“ од Кочани во која загинаа 59 млади луѓе не беше обичен локал кој работи на „диво“, туку беше неформалното собиралиште на целата политичка, криминална и бизнис елита на Кочани и поширокиот регион. Ова во денешното соопштение го пишува партијата ДУИ, чиј висок функционер, поранешниот министер за економија е во притвор по пожарот.
ДУИ наведува неколку тврдења:
„Иако сите знаат дека лиценците не се трајни, не се автоматски продолжени, сите знаат дека се минати години откако се истечени, а дури И конкретната – фалсификуваната – завршила 3 дена пред трагедијата.
Сите знаат дека објектот бил запечатен од УЈП пред неколку месеци, а многу наскоро потоа незаконски отворен.
Сите знаат дека во објектот редовно имало недозволиво прекубројна публика, а и самата вечер преку 650 луѓе во објект со капацитет од 300.
Сите знаат дека објектот редовно бил посетуван од малолетници, исто како и кобната вечер дури и до 3 часот по полноќ.
Сите знаат дека на овие забави редовно се користеле пиротехнички средства, и на сите им било јасно дека тоа се прави без дозвола од полицијата, исто како што пиротениката била користена и кобната вечер.
И најважно – сите локални институции, од полиција до инспекторати, го знаеле тоа, го гледале тоа, но не смееле да реагираат. Сите сѐ гледале – но цела година – никој ништо не видел.
Прашуваме зошто? Зошто навреме не видоа и зошто не спречија? Од градоначалници, пратеници и партиски претседатели на ограноци, па се до инспектори, командири и функционери – сите биле редовни гости, во блиски релации со сопственикот и неговата екипа; на сите им било јасно дека зад овој објект стојат моќници кои го штитат, и затоа никој ништо не треба да прашува, реагира ДУИ.