Штип и денеска тагува по петте загубени млади живот во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, но сите надежи за добри вести се свртени кон болниците во Македонија и светот, каде се лекуваат уште четворица штипјани. Во холот на општинската зграда попладнето беше отворена Книга на жалост, во која се повикуваат да се потпишат сите кои сочувствуваат со семејствата на настраданите.
За Филип, Александар, Дамјан, Александар и Филип, прв се потпиша градоначалникот Иван Јорданов.
„Прерано го напуштивте овој свет во кој творевте, создававте и летавте во убавините на животот. Нашиот град ќе ве памети по индидвидуалната харизма, а тагедијата поради која прерано не’ напуштивте, ќе ни остави траен белег за вашето постоење. Моја должност и должност на сите нас ќе ни биде да се бориме против овој систем од кој настрадавте. Давам ветување за искрена борба против неправдата која ви беше нанесена, напиша Јорданов.
Градоначалникот на Штип изутрината разговарал со семејствата на починатите и на повредените. Помош понудиле многу компании и индивидуалци. Градот се солидаризира со тагата на овие семејства, а заедно се надева со тие што имаат повредени деца. Деновиве се очекува да се одржи и комеморативна седница.
-Да се бориме да создадеме еден нов систем, поинаков од оној кој ги зема овие жртви. Преголема е цената која што ја плативме. Изразувам сочувство од име на граѓаните на општина Штип, рече Јорданов
Прашан за протестите кои се одржаа и во Штип, градоначалникот рече дека ги поддржува и со право се испраќаат овие пораки затоа што сите ние сме загрижени за тоа што стои како предизвик пред нас да се охрабриме и да го промениме, односно како што рече, „тој систем кој убива“.
В.К.




