На платото на УКИМ се одржа Заеднички час на студенти и професори во спомен на жртвите во пожарот во Кочани. Собирот беше организиран од студентската организација на Скопскиот универзитет.

Настанот закажан за точно напладне беше одложен половина час поради силен дожд, а потоа почна со седумминутен молк на големиот број присутни студенти со кој беше исполнет кампусот на УКИМ.

Со кратки говори на сочувство се обратија ректорката на УКИМ Биљана Ангелова и министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Студенти во редици чекаат да запалат свеќи за покој на загинатите во пожарот, да положат цвеќе и да остават пари за поддршка на семејствата во кутиите за донации пред Филозофскиот факултет. Донираните средства ќе бидат предадени на Црвениот крст. Пред Правниот факултет, пак, е отворена Книга на жалост.

Вакви собири напладне ќе се одржуваат и во наредните четири дена.

Претседателот на УСС на УКИМ Александар Николовски соопшти дека утре ќе се одржи на кампусот на техничките факултети, в среда на ПМФ, во четврток пред Педагошкиот факултет, а за петок ќе биде организиран марш низ Скопје или студентите и сите заинтересирани граѓани ќе се упатат кон Кочани.
Обраќањата на Ангелова и Јаневска накратко беа прекинати за да биде интервениграно со итна медицинска помош на студенти на кои им се слошило.
Во Кочани, пак, се случуваше протест.

Со извикување „Сакаме правда!“ денес во паркот во Кочани се одржа протест. Паркот беше преполн со луѓе од Кочани и околината, кои дојдоа да побараат правда за сите жртви и повредени во пожарот во дискотеката Пулс.



Погледнете го видеото од Кочани:
Фото: Вангел Тануровски/ Кире Андонов