Дискотеката „Пулс“ од Кочани, каде во пожар загинаа 59 лица, иако работи над десетина години, имала лиценца само за 2021 и 2023 година. Таа од 2023 година е фалсификат. Ова го кажа премиерот Христијан Мицкоски, кој сподели податок дека иако има многу дискотеки кои работат во државата, има издадени само 12 лиценци. Тоа се лиценци издадени за кабаре, за кои како што претходно изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ги издава Министерството за економија и овие објекти можат да работат од 20 часот до 4 часот по полноќ.
„Дојдовме до заклучок дека во 2024 година се издадени вкупно 12 лиценци за кабареа. Па сега може да се претпоставите колку клубови работат во државата, и тоа не знаеме кои се валидни, затоа што претпоставуваме дека рокот им е изминат, така што не очекува многу работа, затоа што е очигледно дека никој не си ја вршел работата. И сега се обидува некој под политизација да ја сокрие криминалната работа која ја правел изминатите години, рече Мицкоски.
Нема да има милост, кажа Мицкоски, кој рече дека ова е „масовно убиство кое некој го дозволувал за пари, за мито, за корупција кое дозволувал да се случи“.
-„Да им одговорам на оние што прават полноќни прес конференции, тука нема политика, ќе одговарате сите коишто сте се дрзнале на овој начин да водите политика, на грбот на граѓаните и на животите коишто овие деца ги изгубија. И нема да има милост, од дома ќе ги вадиме. Ако мислат дека ќе се обидат на етничка карта да играат и на политиканство како што вчера се обидоа, со тие полноќни прес конференции. Од дома, за уши ќе ги вадиме!, рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека на избори се пресметале со политичката мафија, потоа се пресметале со мазут мафијата, па со енергетска мафија, за сега да се пресметат со како што ја нарече „административната мафија“.
В.К,