Само двајца пациенти со полесни повреди од пожарот во дискотеката, останаа во Клиничката болница – Штип, додека сите уште синоќа се префрлени во Клиничкиот центар ‘‘Мајка Тереза‘‘-Скопје. Ова се информациите од штипската болница, која соопштува дека транспортот на сите пациенти помина безбедно.
-По вчерашна тријажа и координација со Кризен штаб од Скопје во вечерните часови пациентите од несреќата во Кочани кои беа хоспитализирани во КБ –Штип се транспортирани во Клинички центар ‘‘Мајка Тереза‘‘-Скопје. Во моментот во Клиничка болница-Штип има само двајца пациенти ,една пациентка со изгореници од полесен степен на рацете и еден пациент со повреда на рацете, е информацијата од Клиничката болница – Штип.
Во текот на вчерашниот ден во Штип на лекување останаа 31 повредено лице од пожарот во дискотеката „Пулс“ од Кочани. Од Министерството за здравство соопштија дека најкритичните пацинети ќе бидат транспортирани во болниците во странство, со цел да се отстапи простор за останатите на кои ќе им треба лекување.
Вкупно 44 пацинети се транспортирани во Бугарија, Србија, Грција,Турција и Хрватска. Медицинска помош е понудена и од Центрите за третман на изгореници во холандските градови Гронинген, Бевервајк и Ротердам. Од таму соопштија дека се подготвуваат да примат и да лекуваат жртви од Македонија.
В.К.