Пристојно, воспитано момче со семејни вредности, таков беше Андреј од ДНК, кој почина утрово во страотниот пожар во Кочани.
Блиски на семејство на Андреј Горгиевски за ММС потврдија дека тој, за жал, загинал во пожарот во дискотеката во Кочани.
-За жал веќе е потврдено. Тој се спасил, излегол, но тргнал по втор пат да спасува деца и паднал кровот врз него. Херој. Дете воспитано со семејни вредности. Сопругата го идентификувала по часовникот. Навистина херој дете. Прекрасен беше, со големо срце. Не знам како ќе кажат на ќерка му Јана, бидејќи е многу поврзан со неа, рече за ММС другар на Андреј видно потресен.
Од утрово по медиумите се ширеа шпекулации дека Андреј е во болница во Штип. ММС се јави кај директорот, но тој во моментот не можеше со сигурност да потврди дали станува збор за овој Андреј. Подоцна се откри дека станува збор за друго дете кое е носи исто име и презиме и дека е хоспитализирано.
Панчо, пак е во болница повреден.
Од бендот на ДНК досега е потврдена смртта на клавијатуристот Филип Стевановски, гитаристот Александар Коларов, тапанарот Горги Горгиев и придружниот вокал Сара Пројковска.
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски се прости од него.
-Се видовме пред неколку дена, поразговаравме убаво. Многу јасно му кажав дека ми остава посебен впечаток како човек, баш се посрами и се насмеа. Кога прочитав сабајлево дека го нема, на братми му кажав дека сигурно останал да спасува деца. И така би ! Тој излегол и се вратил назад во пеколот. Јунак ! Господ да е со тебе и твојата душа Андреј, и со душите на сите млади страдалници. Господ да е со вашите најблиски, оваа трагедија е со несогледлива последица. Никогаш не верував дека уште еден ден ќе се разбудам со истата болка како онаа кога беше Смилковско. Да се обединиме, да бидеме појаки од било кога до сега ! Андреј ти си јунак ! Јунак , нпиша тој.