Европскиот парламент ќе отвори канцеларија во Албанија за дополнително да го зајакне својот ангажман со Западен Балкан, соопштија од институцијата. Ова ќе биде четвртата оперативна канцеларија, покрај тие во Њујорк, Џакарта и Адис Абеба.
„Во контекст на зголемените геополитички тензии и обновениот моментум зад проширувањето на ЕУ, новата канцеларија на Парламентот во Тирана ќе служи како клучна точка за контакт меѓу Европскиот парламент и националните парламенти, граѓанското општество и локалните партнери од Западен Балкан“, стои во соопштението од Европскиот парламент.
Канцеларијата ќе ги промовира позициите и активностите на Парламентот, особено во врска со пристапувањето во ЕУ, а ќе ја поддржи демократијата и институционалните реформи во регионот. Исто така, ќе помогне во подготовката и следењето на официјалните посети на европратениците, истовремено засилувајќи ја соработката со другите актери на ЕУ на терен, како и со меѓународните и граѓанските организации.
Во моментов, Парламентот има три оперативни канцеларии – антени: во Њујорк, за односи со Обединетите нации; во Џакарта, за односи со Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија; и во Адис Абеба, за односите со Африканската унија.
Потегот за отворање на две дополнителни антени канцеларии (во Албанија и Молдавија) следи по претходната одлука на Бирото на Парламентот да основа канцеларии во Киев, Украина и во Панама, за да се занимаваат со односите со Латинска Америка и Карибите.
Извор: Europeanwesternbalkans