Штип денеска одбележува 82 години од депортацијата на штипските Евреи, кои деновиве во 1943 од страна на бугарската власт во Македонија беа депортирани во нацистичкиот логор на смртта, Треблинка во Полска. Штип во само една ноќ остана без целото еврејско население, а во неколку денови беше однесено речиси целото еврејско население од територијата на денешна Македонија.
Претседателот на еврејската заедница, Пепо Леви, вели дека Македонија како држава и општество со голема почит и пиетет се сеќава на некогашната своја заедница, која е речиси уништена од нацистичките злосторства во Треблинка:
- Македонија со голем пиетет се потсеќа на депортираните 7.144 Евреи од Битола, Штип и Скопје. Вчера им оддадовме почит на битолските Евреи, денеска им оддаваме почит на 535 штипски Евреи депортирани во Треблинка, утре ќе им оддадеме почит на заедничка комеморација на сите македонски Евреи, во Скопје пред тутунскиот комбинат и утревечер во Музејот на Холокаустот, вели Леви.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, смета дека како општество треба да извлечеме поука од овие настани:
- Го одбележуваме датумот којшто никогаш не треба да се заборави и треба да ни биде поука за во иднината, да имаме повеќе толеранција, соживот и да градиме едно заедничко општество, без разлика на верската, етничката и било која друга припадност. Нека овој ден ни биде поука да го изградиме нашето заедничко општество и нашата иднина, вели Јорданов.

Пред Споменикот на Холокаустот во Штип се поклонија делегации на Државата Израел, на еврејската заедница на Македонија, на Собранието, на Владата, на општината, на Здружението на борци од НОБ, а учество зедоа и ученици од штипската гимназија „Славчо Стојменски“.



