Министерот за спорт, Борко Ристовски, во повеќе наврати го најави запирањето на финансирањето на клубовите од третите лиги од сите спортови заради, како што вели, слабиот резултат, а најмногу реакции имаше по споредбата која министерот ја направи во Штип, кога рече дека спортот не е замјоделие, па да финансираме сè и сешто.
Деновиве се формираше иницијатива, предводена од фудбалските третолигаши ОФК Малеш, ОФК Карбинци, ФК Овче Поле и ФК Дојранско Езеро, која има за цел да го промени ставот на министерството:
-Исклучуваме било каква политичка позадина на оваа наша реакција, политиката не не интересира, ние само сакаме да бидеме рамноправно третирани како и сите други спортски клубови кои настапуваат во официјална конкуренција во државата. Во секој случај, една ваква изјава можеби немаше да не изненади ако дојдеше од министер кој не бил спортист, но кога доаѓа од така големо име, од спортист со реноме како Борко Ристовски, во најмала рака е зачудувачки. Се надеваме дека станува збор за несреќна и избрзана изјава на министерот, кога кажа дека третолигашите не се социјална или земјоделска категорија па да добиваат субвенции. Настрана од таквата изјава, дискриминативна е одлуката само прволигаши и второлигаши да добиваат ваучери, а третолигашите, кои исто така се натпреваруваат во официјална конкуренција во истата држава, не во некоја соседна, да не добиваат ништо, стои во текстот на иницијативата.

Клубовите во третите лиги се во најголем дел финансирани од локалните самоуправи, и тоа се всушност средства за преживување. Во Третата лига многу е мал интересот за спонзорирање од компаниите, и за секој третолигаш од драгоцено значење би биле парите кои се добиваат со државната помош преку ваучерите.
-Еден од аргументите на министерот беше и дека наводно со давањето ваучери не се подобрила состојбата , квалитетот во третите лиги. А дали се подобри во Првата, Втората лига? И не само во фудбалот? Тоа е прашање кое треба да се постави, и прашање дали во највисоките конкуренции квалитетот зависи толку многу од ваучерите или државната помош? А за третата лига, дефинитивно таква помош би значела многу. На крајот на краиштата, ако така се размислува, треба ли да постои Трета лига? Ете, нека ги нема тие повеќе од шеесетина клубови кои значат спортски живот и во некои помали средини (некаде и единствен спортски живот), велат во заедничката изјава третолигашите.

Исфрлањето на третолигашите од државната помош, за некои од нив, ќе води директно кон згаснувње на клубовите, меѓу кои има и клубови со едновековна традиција. Води ли ваквата политика кон згаснување на третолигашкиот спорт?
-Според ставовите кои ги има министерот, дали ние треба да се помириме со тоа дека еден ден можеби некој ќе рече „не е потребна трета фудбалска лига, што ќе ни е“? Наместо да помагаме да биде подобра, ние ја минимизираме. Последните сезони, откако ОФС Кочани ја води лигата, Третата лига Исток е на добро ниво. Друго е прашањето дали е потребна реорганизација да има можеби помалку региони. Тоа е сосема друга работа. Но, не треба дефинитивно наместо да се помага, да се одмага на третолигашите, вели Тони Михаилов од ОФК Карбинци за ММС.

За дел од забелешките на министерот Ристовски, третолигашите се согласуваат – но со проблемот, а не и со решението:
-Министерот потенцира уште еден аргумент, кој за волја на вистината, е единствениот кој реално држи вода. Тоа е дека во минатото имало злоупотреба при распределбата на ваучерите. И за поздравување е иницијативата да се расчисти со злоупотребите, да одговараат оние кои ги правеле. Но, дали не е повторно селективност или злоупотреба ако е вистина дека и сега дел од третолигаши добиле средства на крајот на минатата година, за што дел од второлигаши споделуваа скриншотови од апликацијата Openfinace. Зошто некои третолигаши би добиле, некои не, вели Новица Печински од ОФК Берово за ММС

Третолигашите во својата иницијатива нудат свое, конструктивно и попрагматично решение:
-Ако е проблем дека се можни злоупотреби од страна на клубовите, сметаме дека има решение и за ова. Средствата, доколку не одат по системот на ваучери кои потоа клубовите треба да ги реализираат со компании кои ќе имаат интерес за тоа (моделот кој функционираше пред некоја година), едноставно можат да се доделат без воопшто да стигнат до сметките на клубовите. Има неколку начини:
- Сите клубови плаќаат котизација за учество во Третата фудбалска лига, па наједноставен начин е да им биде платена таа котизација, со тоа што средствата директно ќе бидат префрлени на Општинските фудбалски сојузи кои ги водат третите лиги, а клубовите ќе бидат ослободени од таа обврска.
- Сите клубови се обврзани да имаат млади играчи , до 21 година. Може секој клуб да понуди тројца играчи до 21 година, на кои Министерството ќе им додели годишна стипендија, која ќе ја добива додека настапува во тој клуб.
- Третата опција е доделување на спортска опрема на клубовите, што исто така е варијанта во која ќе се избегне можноста за злоупотреба, ако се смета дека тоа е единствениот проблем кога станува збор за можна злоупотреба, се вели во текстот на иницијативата.

Инаку, третолигашите, освен како спортски клубови кои се натпреваруваат во лига, се и школи и филтри на таленти. Во помалите средини спортските клубови се најчесто единствените промотори на спортот и здравиот начин на живот кај младите, а повеќето се и активно вклучени во општествениот живот, најчесто преку хуманитарна работа со крводарителски акции, собирање средства за лекување на луѓе, но и преку мали гестови, како што е посета на училишта или дневни центри за деца со попреченост за промоција на спортот и се сврзно ткиво за обединување на луѓето околу една заедничка кауза – малиот локален спортски клуб, кој го прави животот поубав.
Мартин Каровски
Фото: Фејсбук