Во 30-члениот тим на македонската Влада во Будимпешта со изнајмениот турски авион на билатералниот самит со унгарската Влада, не беше ниту еден од шесте од ВЛЕН и двајцата од министри од ЗНАМ.
Прашани секој поединешно зошто останаа дома, еден министер се оправда со грип, додека сите други имале веќе договорени настани, како што беше оној во Велес, каде министерот за социјална политика Фатмир Лимани имаше заеднички настан со претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова.
„На меѓувладиниот состанок присуствуваат министри кои имаа планирано билатерални средби и потпишаа билатерални договори и меморандуми. Премиерот требаше да биде придружуван од министерот за финансии и министерот за надворешни работи, но секако можеа да одат и други министри. Нема несогласување во Владата, не станува збор за бојкот, работиме тимски“, соопшти министерот Лимани.
Во Будимпешта не беше ниту вицепремиерот Изет Миџити, кој не отишол поради тоа што имал грип, додека министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани рече дека „имал полна агенда“.

Од прес службата на Владата објаснуваат дека некои од министрите, вклучително и тие од ЗНАМ -министрите за правда Игор Филков и за јавна администрација Горан Минчев, не отпатувале поради тоа што нивните ресорни колеги министри од различни причини не биле во можност да се сретнат со нив.
Вчера во Скопје беше министерот за дигитална трансформација Стефан Андонов, кој доаѓа од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Андоновски веројатно беше единствениот министер од партијата на Мицкоски, кој не отпатува за Будимпешта. Андоновски вчера беше на настан, каде се зборуваше за платеното политичко рекламирање и регулацијата на порталите, каде имаше кратко обраќање. Министерот пред само една недела присуствуваше на Регионалниот развоен форум во организација на Интернационалната телекомуникациска унија (ИТУ), кој се одржа во Будимпешта.