Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов се налути по вчершниот маскембал, кој означуваше старт на големиот традиционален карневал, кој се одржува викендов.
Тој на ФБ објави дека на следната седница на Советот ќе побара да бидат разрешени сите членови на карневалскиот одбор, бидејќи, како што вели, имало обиди за груба партизација на манифестацијата. Тој не објасно конкретно која е причината за ваквата реакција, но најави дека новите членови ќе се избираат по пат на Јавен повик а не како досега, а за оваа одлука веќе го известил и претседателот на Советот на Општина Струмица, Марјан Даскаловски.
-Почитувана Струмицо, нашиот карневал е составен дел на нашиот идентитет и никој ама баш никој нема право да го чепка, разурнува или да прави груби обиди за партизација. Сметам дека е време за одлуки, Карневалскиот одбор е тело во состав на Советот на општина Струмица. Денеска го известив Претседателот на совет дека на прва наредна седница ќе поднесам точка со која сите членови на карневалскиот одбор ќе бидат разрешени! Се надевам дека предлогот ќе биде прифатлив за огромно мнозинство на советот. Дополнително, нови членови да се одберат по пат на Јавен Повик на кој ќе можат да се пријават луѓе, локал патриоти вљубеници во културата, млади кои сакаат да го градат духот на карневалот така како што заслужува Струмица. И да, немам дилеми тоа да го соопштам токму денес на денот на главната карневалска вечер, за да биде јасно и прецизно тоа што многу сериозно го говорам. Јас сум бил и останувам на страната на народот, напиша тој на Фејсбук.
ММС се обиде да го контактира градоначалникот Костадиновски за што конкретно станува збор, но тој најави објаснување за подоцна.