За Обединетото Кралство најважно е што Македонија е на иста линија со Лондон за поддршката за Украина, нагласи денеска британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, во Штип:
- Мојата влада мислам дека има различен пристап, секоја земја има различен пристап, но сакам да нагласам дека сме блиски сојузници во НАТО, дека соработуваме исклучително блиску во надворешната политика и многу се надеваме дека тоа ќе продолжи. Очигледно, како партнери, понекогаш сме различни, но најважното е што за големите прашања се согласуваме, а поддршката за Украина е апсолутно приоритет на нашите земји, премиерот го кажа тоа многу јасно, како и министерот за надворешни работи и тоа е апсолутно во согласност со британската политика, вели Амбасадорот на Велика Британија во Република Северна Македонија, Метју Лосон.

Вчера францускиот амбасадор изјави дека е изненаден што Македонија во Генералното собрание на ООН не ја поддржа резолуцијата на Украина поддржана од ЕУ, туку гласаше „воздржана“, а во однос на резолуцијата на САД, земјава беше целосно синхронизирана со Вашингтон. Воедно, Риголер порача дека на Европа и треба унитарност во надворешната политика:
- Целта на европската дипломатија денес, целта на секој од нас е токму да се одржи таа унитарност и да се има исти заеднички пристап кој ќе обезбеди безбедност на континентот во наредните години, наредените децении за нас и за нашите деца“, порача Ле Риголер на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод презентацијата на програмата за годинашното одбележување на Франкофонијата.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денеска одговарајќи на пратеничко прашање на Славјанка Петровска од СДСМ за гласањето за резолуцијата за Украина, рече дека земји-членки на ЕУ немале заеднички став, и логично било да се поддржи резолуцијата на САД. Мицкоски од собраниската говорница праша ако биле против зошто земји-членки на ЕУ не гласале така на Советот за безбедност на ОН.
- Одлуката беше таква, затоа што имавме избор дали да застанеме меѓу првите во редот заедно со нашиот стратешки партнер САД или да поддржиме заеднички став на Европската Унија. Кога видовме дека во Европската Унија нема заеднички став по резолуцијата, тогаш беше логично да застанеме позади резолуцијата која што ја предложија САД, изјави премиерот Мицкоски.

За немањето заеднички став во унијата, Мицкоски мисли на тоа што Унгарија гласаше „против“ украинската резолуција, додека сите останати членки на ЕУ беа „за“. Единствена земја во Европа која беше „воздржана“ беше Македонија.
Со доаѓањето на новоизбраниот американски претседател Трамп, американските и европските позиции за Украина станаа драстично различни, а по некои прашања Вашингтон е поблизок до Москва, отколку до Брисел, Париз, Берлин и Лондон.
Иницијалната точка за ваквите разлики беа преговорите меѓу САД и Русија во саудиската престолнина Ријад, каде не беа поканети Украина и Европа, а не беа ни запознаени со деталите на разговорите подоцна.
Во меѓувреме Москва повтори дека не отстапува од позициите дека петте украински региони се дел од Русија:
- Тоа се територии кои станаа дел од Русија и се вклучени во нашата државна уставна одредба како неотуѓив дел од Русија. Тоа е факт што ние апсолутно не можеме да го негираме или за тоа да разговараме, рече денеска Дмитриј Песков на дневниот брифинг со новинарите.

Според рускиот устав – Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје се дел од Русија, иако руските сили не ги контролираат целосно овие региони, а Украина и меѓународната заедница ги сметаат за делови на Украина.
Изјавата на портпаролот на Кремљ доаѓа еден ден откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров посочи дека Русија бара целосна контрола врз четирите региони како дел од конечното решение на украинската криза.
М. Каровски