Некои од ланците, за жал одлучуваат да водат политичка борба против политичка влада и тоа не е добро, истакна премиерот Христијан Мицкоски на прес конференција во Владата, а во врска со барањата и забелешките на трговците околу цените и маржите на производите во трговската мрежа.
Претседателот на македонската Влада потврди дека одлуката е донесена и треба да се почитува, а доколку новата комора на трговци има нов предлог што ќе биде во интерес на стандардот на граѓаните, тогаш предлогот ќе биде разгледан на вонредна владина седница.
- Со жалење можам да констатирам дека некои од ланците, за жал одлучуваат да водат политичка борба против политичка влада, и тоа не е добро. Но, тоа е нивни избор и јас тука не можам ниту да го оправдам, ниту да го осудам затоа што оваа е демократска држава со право на говор и секој што мисли дека треба да води легитимна борба нека се бори. Владата донесе одлука, таа одлука е резултат на сите разговори, скрининзи на терен и се што добивме како инпут и врз основа на сето тоа донесовме одлука и таа одлука треба да се почитува и применува. Доколку кој било има подобар предлог со кој што можеме да го подобриме стандардот на граѓаните подготвен сум да разговарам во секое време. Нека се состане таа комора и да го видиме предлогот за да знаеме на која платформа можеме да разговараме и доколку таа е подобра, и во насока на подобрување на стандардот на граѓаните, ние ако треба ќе одржиме вонредена седница на Влада и предлогот ќе го прифатиме. Во меѓувреме, посочи премиерот, ќе продолжат контролите, пазарните инспектори и комисијата за заштита на конкуренцијата ќе продолжат и ќе бидат присутни на терен.
Запрашан за висината на минималната плата во земјава, премиерот Мицкоски истакна дека Владата наскоро ќе формира комисија на која треба да се определи репрезентативноста на синдикалните претставници во Социо-економскиот совет.
- Најнапред треба да формираме комисија што ќе ја утврди репрезентативноста на синдикалните претставници во Социо-економскиот совет бидејќи сега репрезентативноста е истечена. Очекувам на седница на Влада таа комисија да се формира, да определи репрезентативност, а потоа ќе одржиме седница. Инаку минималната плата може да се донесе и во месец март бидејќи реално ќе почне да се исплаќа од 1 април. Но, ќе потсетам, нагласи премиерот, што се однесува до минималната плата, партнер не се само синдикатите, туку и работодавачите, и ние како Влада во тој процес сме за да фасцилитираме. Висината на минималната плата не зависи од Владата, тоа зависи од тоа дали работниците и работодавачите ќе постигнат договор и дали за тоа ќе има консензус. Ние како Влада ќе го поддржиме било кој договор, а во спротивно ако нема договор, тогаш ќе одиме според Закон, одговори премиерот Мицкоски на прес конференција што се одржа во македонската Влада.