Во 2024 година, малолетни лица во Кочани извршиле вкупно 51 кривично дело, што претставува зголемување од 104 отсто, односно двојно повеќе во споредба со претходната година. Според податоците на Одделението за внатрешни работи во Кочани, околу 82 отсто од овие дела се тешки кражби и кражби. Имало и четири случаи на насилство врз други малолетници, од кои еден е пријавен како силување. Дополнително, забележани се три случаи на разбојништва и разбојнички кражби, како и по еден случај на насилство и спречување службено лице во извршување задачи.
- Најголемиот број на деца извршители на кривични дела во текот на 2024 година се од и од македонска и од ромска популација, а тие најчесто биле и повторници во извршување на делата. Како повторници се јавуваат четири деца кои се над 14-годишна возраст, при што сториле три или повеќе кривични дела. Заради поефикасно превентивно дејствување и спречување на девијантното однесување на децата, до Центарот за социјална работа во Кочани доставени се известувања за конкретни настани во кои како извршители се јавуваат 12 деца, со барање за постапување и преземање заеднички мерки, се истакнува во писмената информација од Одделението за внатрешни работи – Кочани.
Минатата година, освен во кражбите и насилното однесување, забележани се 10 малолетници кои ги прекршиле прописите од Законот за јавниот ред и мир. Тие учествувале во тепачки, физички напади, лажно пријавување, употреба на наркотични средства и користење пиротехнички средства. Во исто време, полицијата регистрирала 21 малолетник кој ги прекршил правилата за безбедност во сообраќајот, возејќи моторно возило без возачка дозвола, или управувајќи мопед без заштитен шлем или возачка потврда.