Професорите, студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ и учениците од штипската Гимназија „Славчо Стојменски“ денеска го одбележаа Меѓународен ден на мајчиниот јазик, кој пред 25 години бил прогласен од страна на УНЕСКО за Меѓународен ден на мајчиниот јазик.
Универзитетската професорка Ана Витанова Рингачева од Филолошкиот факултет објасни дека целта на настанот била да се покаже на младите како јазиците го поврзуваат светот и ни помагаат да се поврземе со култури што изгледаат далечни. Витанова Рингачева посочи дека мајчиниот јазик е важен за да се претставиме како единствени во светот, но истовремено, приближувајќи се до други култури, откриваме многу сличности. Таа истакна дека треба да се негува мајчиниот јазик, особено кога децата подобро го владеат англискиот од македонскиот. Според неа, главните причини за ова се употребата на странски термини и напредната технологија, кои го нарушуваат знаењето на основите на македонскиот јазик. Затоа, потребно е континуирано да се работи на усовршување на јазикот, како во училиште, така и во семејствата.
- Се соочуваме со голема инвазија на зборови од англискиот јазик, но тоа е јазик преку кој функционира глобалниот свет и ние не можеме целосно да ги изолираме децата, но мораме барем да ги корегираме и таму кадешто имаме убави наши зборови, да може да ги употребуваат, рече Витанова-Рингачева.
Книжевникот Сузана Мицева истакнува дека за да го прикажеме вистинското богатство на македонскиот јазик и книжевност на светот, треба да се инвестира во младите преведувачи, кои ќе бидат идните претставници на македонскиот пишан збор.
- Постоењето на квалитетни и млади луѓе кои ќе бидат наши јазични амбасадори, е всушност едно вложување во промовирањето на македонската книжевност и една потврда дека ние сме рамо до рамо, со европските книжевници, вели Мицева.
Универзитетската професорка од Филолошкиот факултет при УГД, која предава на катедрата за странски јазици, изјави на денешната работилница дека со учење на странски јазици, имаме можност да се натпреваруваме на глобално културно ниво. На катедрата за македонски јазик на УГД-Штип има повеќе од 50 студенти кои студираат на првиот и вториот циклус.