Од Државниот пазарен инспекторат информираат дека од денеска нивните инспектори се на терен и ќе вршат контроли дали се почитуваат одлуките на Владата за ограничување на маржите и за замрзнување на цените на прехранбените производи.
Согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, глобите за непочитување на овие две одлуки се движат од 500 до 10.000 евра, а сите неправилности може да се пријават на 191 или на www.dpi.gov.mk.
По објавувањето на двете владини одлуки во „Службен весник“ од денеска тие стапија на сила и ќе важат до 30 април.
Согласно Одлуката за ограничување на бруто профитната маржа, се ограничува маржата на 102 групи на производи или над 1000 перехранбени и непрехранбени производи и тоа со 5 проценти бруто профитна маржа ќе бидат млекото, лебот, брашното тип 400 и тип 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, а со 10 проценти бруто профитна маржа месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините. Со 15 проценти бруто маржа се ограничуваат 39 прехранбени производи и средства за хигена (свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго)
Согласно Одлуката за утврдување на највисоките цени за одделни производи во трговија на големо и трговија на мало, утврдени се највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи производи (млеко, леб, брашно,тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко) при што како највисока цена се утврдени цените што се применувале на 1 февруари годинава.
Трговците имаа обврска производите кои се опфатени со одлуките да ги обележат со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе”.