Започна изградбата на пешачка конзола кон Градските гробишта, за поголема безбедност на пешаците и на сите учесници во сообраќајот, бидејќи во делот на клисурата во штипско Ново Село нема тротоар, па пешаците се движеа по коловозот на регионалниот пат Штип-Радовиш.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека со изградбата на пешачката конзола се решава неколкудецински проблем за граѓаните на Штип, кои се движат пеш до Градските гробишта, бањата „Кежовица“, викенд населбата Плуждино и државното средно училиште „Искра“.
- Верувам дека со проектот, којшто предвидува конзолно пешачка патека верувам дека ќе се зголеми безбедноста на сите пешаци, кои ја користат оваа улица и она што морам да го истакнам дека и покрај она што кога влеговме во проектирање и реализација на овој проект многумина не советуваа дека практично е невозможно да се направи пешачки премин на точката, каде што е најтесна клисурата, сепак со соодветно решение, со соодветен проект се изработи решение, кое деновиве ќе се работи, вели Јорданов.
Тој најави дека за неколку недели небезбедната клисура и црна сообраќајна точка на излезот и влезот на град Штип ќе биде минато со изградбата на пешачката конзола.
- Некаде околу девет милиони денари се издвоени од буџетот на Општина Штип за реалзиација на овој проект, какошто јавноста знае, некаде од средината на клисурата, па до државното училиште „Искра“ ќе биде изградена пешачка патека со конзола и со тоа ќе се обезбеди безбедно движење на пешаците, коишто транзитираат овде, изјави Јорданов.
Штипскиот градоначалник на денешната прес-конференција потенцираше дека локалната власт нема да застане со реализација на проектите, кои се за подобра безбедност на сите учесници во сообраќајот.