Полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи вчера по сообраќајните контроли спроведени низ патиштата во земјава издале вкупно 909 платни налози по основ на прекршоци.
Како што информира денеска МВР, се постапувало согласно Законите за безбедност на сообраќајот на патиштата и за возила.
Во текот на вчерашниот ден наплатени биле и 451 издадени платни налози. Во рамки на контролите најголем дел од прекршоците се однесуваат на непочитување на нормите поврзани со пречекорување на брзината на движење – 270 и непрописното паркирање – 222. Потоа следат прекршоците по основ на непоседување на возачка дозвола – 73, некористење на сигурносен појас – 64, како и прекршоци по основ на забрането користење на мобилен телефон при возење – 41.
Полицајците вчера во 10 случаи откриле возачи кои возеле под дејство на алкохол, а пак согласно Законот за возила биле евидентирани 15 технички неисправни и 14 нерегистрирани возила.
- Министерството за внатрешни работи, односно неговите надлежни служби во делот на безбедноста во сообраќајот, ќе продолжат со плански динамизираните контролно-превентивни активности во насока на анулирање на негативните безбедносни трендови во сферата на сообраќајот, се вели во соопштението.