Во извештајот за Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година имаме 40 поени, што е за два помалку од минатата и бележиме пад од 12 позиции, заземајќи ја 88 позиција на табелата. Големиот број скандали што ја тресеа Македонија, особено во судството, големиот број нерешени случаи на висока корупција, големиот број недемократски процеси и нетранспарентноста на одредени институции придонесоа за сето ова, порача претседателот на Транспаренси интернешнл Благоја Пандовски.
И годинава, нагласи Пандовски, ИПК покажува дека земјава е далеку под минимумот од 50 поени, кои што се долната граница под која не може да се каже дека една земја има задоволителни активности насочени кон сузбивање на корупцијата.
- Овие негативни резултати се последица на големиот број скандали кои се случија минатата година, а особено во областа на судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители. Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание на судството, лошата контрола на Судскиот совет кој ја врши врз судиите и 40-те препораки на Оценската мисија на ЕУ, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата за судии и јавни обвинители за време на избори, се само дел од скандалите што го тресеа судството. Минатата година имавме и докажан случај на корупција на еден врховен судија, разрешување на кривичен судија од кавадаречкиот суд кој се слушнал 97 пати со обвинет на кого му судел и уште неколку случаи кои што се само загребување на површината на судството во кое граѓаните очигледно немаат доверба, изјави Пандовски.
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2025/02/izjava.webp)
Слична е состојбата, продолжи Пандовски и во Обвинителството, кое не е ажурно во гонењето на високата корупција и не ги процесуира иницијативите добиени од Државната комисија за спречување на корупцијата.
- Првиот чекор во долгиот пат во борбата против корупцијата е нејзината казнивост и генералната превенција. Се додека ова не се постигне не можеме да очекуваме позитивни резултати на Индексот на перцепција на корупција, рече Пандовски.
Ако се направи споредба меѓу земјите од регионот ќе видиме дека само три држави годинава имаат раст – Словенија, Косово и Албанија, додека Северна Македонија, заедно Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора имаат пад во поените и рангирањето.