Се потпиша меморандум за соработка меѓу директорот на Казнено-поправната установа (КПД) Штип, Дејан Здравков, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, и директорот на ЈП Исар Штип, Александар Арсов, во правец на развој на системот за ресоцијализација на осудените лица. Оваа соработка има за цел да се подобри процесот на интегрирање на осудените лица во општеството и да им се овозможи продуктивно учество во животот на заедницата, како и да се зголеми нивната можност за подобра адаптација по издржувањето на казната.
Главната цел на овој меморандум е да се воведе процес на работно ангажирање на осудените лица надвор од КПД Штип. Ова значи дека осудените лица ќе имаат можност да работат на задачи кои ќе бидат во интерес на Општина Штип и ЈП Исар Штип, како што се инфраструктурни зафати, грижа за јавните површини, поддршка на локалните услуги или други задачи кои се важни за функционирањето на заедницата.
Процесот на работно ангажирање е особено важен, бидејќи има потенцијал да ги ресоцијализира осудените лица и да ги подготви за нормално функционирање во општеството по нивното ослободување. Работното искуство им помага на осудените да стекнат нови вештини и навики, да ја подобрат својата самодисциплина и да ги разбијат негативните модели на однесување кои можеби се стекнале додека биле во затвор. Овој вид на соработка создава и можности за осудените да воспостават позитивни релации со локалната заедница и да се почувствуваат како дел од општеството, што е клучно за нивната ресоцијализација.
За Општина Штип и ЈП Исар Штип, оваа соработка има корист и во контекст на намалување на трошоците за ангажирање на работна сила.