Намален е бројот на купувачи низ штипските маркети заради вториот по ред бојкот на маркетите заради високите цени на храната.
ММС на терен забележа пад на бројот на купувачи речиси во сите маркети низ градот.
Бојкотот најмалку се почитуваше во маркетите околу градскиот пазар, веројатно затоа што во Штип денеска е пазарен ден, па фреквенцијата на луѓе околу тие маркети е неколкукратно поголема отколку во обичен ден. Фактор плус е и тоа што најчести купувачи на пазарот се пензионерите, кои пред 5 дена зедоа пензии, а можно е врз нивната одлука да не бојкотираат да влијаеше и тоа што бојкотот генерално се организираше на социјалните мрежи, а повозрасните граѓани не се толку присутни на интернет.
Во останатите маркети на другите локации надвор од центарот и градскиот пазар, бојкотот е поизразен. Некои од поголемите супермаркети во градот беа целосно празни без купувачи.
Ова е втора иницијатива за бојкот во државата, откако првата се случи на 31ви јануари.
Цените на храната достигнаа висок раст по завршувањето на новогодишната кошничка, а не се почитува ниту Законот за нефер трговски практики, чии казни стапија на сила од 1ви јануари, но заради недостигот на кадар, не се прават инспекциски контроли од телото оформено наменски со овој закон.
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2025/02/20250207_123706-1024x768.jpg)
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2025/02/20250207_105243-1024x768.jpg)
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2025/02/20250207_123520-1024x768.jpg)