Секоја година се повторува проблемот со нередовноста на учениците во основните училишта од ромска етничка припадност, од кои дел воопшто не посетуваат настава.
- Најмногу ученици кои не посетуваат настава има во ОУ „Гоце Делчев“, 35 ученици, по кое следува ОУ „Тошо Арсов“ со 12, ОУ „Ванчо Прке“ со 9, ОУ „Димитар Влахов“ со 5 и ОУ „Славејко Арсов“ со 3 ученици кои не посетуваат настава, вели за ММС, Снежана Санева од Одделението за образование при општина Штип.
Според законските прописи, ученикот кој една третина од времето не присуствувал на настава, не може да биде оценет.
Државата, општината и основните училишта имаат систем со кој се обидуваат да ги вратат назад во училиштата децата. Најпрво ги контактира училишната управа, а доколку по три иницијативи на училиштето, ученикот не се врати на настава, следуваат тн. „ромски медијатори“ – медијатори ангажирани од Министерството за образование и наука, од ромска припадност, кои ги посетуваат семејствата на учениците и ги убедуваат родителите да ги вратат децата на настава. Доколку и тој метод е неуспешен, случајот го презема Државниот просветен инспекторат.
На територијата на општина Штип има тројца ромски медијатори, еден за ОУ „Гоце Делчев“, еден за ОУ „Димитар Влахов“ и еден за ОУ „Тошо Арсов“ и ОУ „Ванчо Прке“.
Најмногу ученици кои не посетуваат настава има во реонот на ОУ „Гоце Делчев“, во чија близина е и најголемото штипско ромско маало, Радански Пат. Медијаторот за подрачјето на ова училиште, Алејсин Кадриев, вели дека е незадоволен од соработката со општината и училиштето и дека како резултат на таа некооперативност, неговиот реон има најлоши резултати.
- Мене градоначалникот четири години не ме прима во канцеларија. Во ОУ „Гоце Делчев“ ситуацијата е катастрофа, децата не знаат да читаат и да пишуваат, основни работи. Не само ромските деца, и другите деца во глобала. Тоа се должи на кадарот кој што го има, партизација во сите институции. Мене како школуван Ром, градоначалникот четири години ме лаже и не ме прима. Образовниот кадар нема интерес, нема, си седат во канцеларија, на часови не ги учат децата како што треба. Тие деца се разочарани, не е само игралишта да се прават, тие деца треба да имаат задоволство да учат. Од ромските деца од 100 посто, 80 посто не сакаат да учат веќе. Таму кај Мирјанина Црква е катастрофа, од 70 до 80 деца не сакаат да учат, воопшто, неипсменост има. Од ромската декада ништо не е направено. Од директорот на „Гоце Делчев“ исто така не сум задоволен, не сакаше да ми го потпише извештајот од работењето, вели Кадриев.
Од општината и училиштето ги демантираа тврдењата на Кадриев.
- Во Општина Штип со барање за состанок медијаторот се има појавено само еднаш, при преземањето на работата ромски медијатор. До службите и кабинетот нема побарано повторна средба ниту по формален пат ниту неформално во кабинетот, велат од општината.
Од ОУ „Гоце Делчев“, пак, имаат низа забелешки на работењето на Кадриев:
- На ромскиот медијатор му беше предаден список од 35 ученици од училиштето, кои не посетуваат настава, а кои тој требаше да ги посети на домашна адреса и да разговара со родителите. Истиот до училиштето достави Извештај, во кој стои дека на темата одржал 20 состаноци со управата на училиштето, иако во реалноста беа само 2. Поттикнати од овој неточен податок, тргнавме да ги провериме останатите податоци и утврдивме дека сите се неточни. Медијаторот навел дека 30 деца се во Германија, иако во реалноста нашите служби утврдија дека 16 од тие 30, всушност се во Штип. Едно дете за кое имаше наведено дека е во Германија, во меѓувреме се имаше вратено на настава во училиштето. Исто така имаше надевено дека посетил 35 семејства, а понатаму во извештајот навел дека разговарал со 20 родители. Од овие причини Извештајот му беше отфрлен и за тоа беше известено Министерството, дека лицето не ја обавува уредно и одговорно својата работа, туку во извештаите внесува неточни податоци, вели директорот на ОУ „Гоце Делчев“, Зоран Митев.
Кадриев вели дека повеќе не сака да ја обавува функцијата ромски медијатор и најверојатно и овој товар за медијација ќе падне врз училиштето, на кое потпаѓаат повеќе од половина од нередовните ученици во општината. Тој смета дека сега општината треба да го вработи со решение, а не како сега со договор за дело:
- Он, градоначалникот, е дужен мене да ме прима на работа, ја сум образован кадар. Од 2006 до 2008 имам работено еден мултиетнички проект, имав 210 деца вклучено. Запознавање на ромската култура беше, вели Кадриев.
Од општината посочија дека тие не се надлежни за селекцијата, ангажманот и начинот на уредување на работниот однос на ромските медијатори, кои ги ангажира Министерството за образование и наука.
Во меѓувреме тече второто полугодие од учебната година, а поради проблемот со медијаторот, бројките со ученици Роми кои не посетуваат настава би можеле да почнат да растат. Како ќе го реши проблемот министерството, останува да видиме, а во игра се две сценарија: Избор на ново лице за ромски медијатор или предавање на ОУ „Гоце Делчев“ на еден од преостанатите двајца медијатори во другите училишта. Притисокот во меѓувреме останува најголем врз ОУ „Гоце Делчев“, кое треба без посредник да ја врши и медијацијата со родителите на децата кои не посетуваат настава.
(М.К.)