Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов предлага намалување на платите на 2000 функционери, вклучително и на неговата, а тие пари да се наменат за итни мерки за намалување на аерозагадувањето. Костадинов вели дека е време за замрзнување на платите на функионерите преку прогласување на економска криза.
-Во услови на екстремни цени, имаме реална можност да прогласиме економска криза, мерка со која би се замрзнале платите на функционерите. Да не бидам погрешно разбран и јас барам мојата плата да биде намалена. Со таквата мерка имајќи во предвид дека во државата имаме над 2.000 функционери. Доколку сите ние во законска рамка се согласиме да ни се намалат платите по 12.000 денари и притоа истите никако да не се покачуваат би генерирале заштеди во висина од 24.000.000 денари или 400.000 евра месечно. Овие средства ќе бидат сосема доволни за имплементација на итни мерки, субвенции до населението особено за цената на гасот, котли за гас, продолжување на секундарната гасификација, говорам за Струмица, предлага Костадинов.
Струмичкиот градоначалник смета дека решението што го предалга е реално и изводливо.
Лани во мај 1600 функционери добија плати зголемени за 78 отсто. Пред десетина дена собраниската Комисија за избори и именување донесе Одлука за намалување на коефициентите за утврдување на нивните плати, со што се спречува зголемувањето на платите коешто би било предизвикано со примената на досегашните коефициенти за тековната година.